Во праксата речиси секоја фирма има барем една ваква сметка. Состаноците со клиентите се на Zoom или Webex, претплатата се плаќа со бизнис картичка, а секој месец стига фактура од странство на неколку десетици долари. Износот е мал, банката го задолжува целиот и никој не мисли дека тука има уште нешто да се плати.
Сепак, за ова плаќање Законот за данокот на добивка има посебна точка.
Видео-повикот е телекомуникациска услуга
Кога македонска фирма плаќа одредени видови приход на странска фирма, должна е при плаќањето да задржи данок и да го уплати истовремено со исплатата (чл. 20 став 1). Членот 21 ги набројува тие приходи, а во точка 9 стои приход од телекомуникациски услуги меѓу Република Северна Македонија и странска држава.
Zoom, Webex и другите платформи за разговор и видео-средби преку интернет (VoIP) се токму тоа: услуга со која се поврзуваат луѓе во Македонија со луѓе надвор од неа. Затоа плаќањето за нив подлежи на задржан данок, исто како рекламите на Facebook за кои пишувавме во претходната статија.
Обврската ја има секое домашно правно лице, но и физичко лице регистрирано за вршење дејност (чл. 20 став 3), што значи дека тука спаѓаат и адвокатите, нотарите и трговците поединци.
Стапката е 10% на бруто приходот (чл. 22).
Кој ја издал фактурата
Тука одговорот почнува да се разликува од фирма до фирма. Ако странската фирма е резидент на држава со која Македонија има договор за одбегнување на двојното оданочување, стапката не смее да биде повисока од онаа во договорот (чл. 23 став 1). Договорите телекомуникациските услуги обично ги третираат како „друг приход“ што се оданочува само во државата на примачот, па македонската стапка е 0%.
Zoom и Cisco, сопственикот на Webex, се американски компании. Со САД Македонија нема договор за одбегнување на двојното оданочување, па ако фактурата ја издала американската фирма, останува 10% и намалување нема.
Големите платформи често фактурираат во Европа преку свои ќерки-фирми во друга држава. Затоа не гледајте го името на брендот, туку фирмата и адресата што се напишани на фактурата. Таа фирма е примателот на приходот, па се гледа договорот со нејзината држава.
Правилото: 0% по договорот не важи само по себе. Се применува само ако исплатувачот во моментот на плаќањето има образец заверен од даночниот орган на другата држава и од УЈП, или одобрение за даночно ослободување од УЈП (чл. 23 став 2). Без тоа се задржуваат 10%.
Постапката е иста како кај рекламите на Facebook: образец ЗД-ДО со потврда за резидентност на добавувачот, и тоа нова потврда за секоја година. Кај претплати што се плаќаат постојано по ист основ, образецот се поднесува пред првото плаќање (чл. 12 од Правилникот). За документите што ги бара УЈП пишувавме подетално тука.
Пред првата уплата: број за странската фирма
Данокот се уплаќа со налог ПП-50, во кој се пишува даночниот број на странската фирма. Таков број таа нема, па УЈП бара исплатувачот прво да ја регистрира: образец УЈП-РДО, барање, фактура или договор и потврда за резидентност или за регистрација со превод. Решението стига за неколку работни дена, а бројот е траен и се користи при секоја следна уплата.
Регистрацијата се бара и кога данокот го плаќате од свое, и кога користите 0% по договорот.
Колку чини ако не е направено ништо
Добавувачот не наплатува 10% помалку, туку картичката се задолжува за целиот износ. Затоа данокот го плаќа фирмата од свои средства, на целиот износ од фактурата.
Тоа не е крајот. Данокот по задршка платен во име на странската фирма, а на трошок на исплатувачот, е непризнат расход (чл. 9 став 1 точка 13). Се додава во основата за данокот на добивка, па фирмата плаќа уште 10% врз него.
| Пример: претплати за една година | Износ |
|---|---|
| Фактури за видео-платформи | 60.000 ден. |
| Задржан данок, фирма од САД (10%) | 6.000 ден. |
| Данок на добивка на непризнатиот расход (10% од 6.000) | 600 ден. |
| Задржан данок, фирма од држава со договор, со заверен образец (0%) | 0 ден. |
| Задржан данок, фирма од држава со договор, без образец (10%) | 6.000 ден. |
Износите се мали, но се повторуваат секој месец и кај секоја претплата. Ако данокот не е уплатен кога е платена фактурата, се додава камата за секој ден задоцнување, по Законот за даночна постапка. За незадржан и неуплатен данок Законот за данокот на добивка предвидува и глоба (чл. 45):
- од 300 до 1.000 евра за микро трговец и од 600 до 2.000 евра за мал трговец, а за одговорното лице од 50 до 500 евра;
- од 100 до 250 евра за трговец поединец и за лице што самостојно врши дејност.
Рок што доаѓа
Освен уплатата при секое плаќање, исплатувачот поднесува еднаш годишно извештај за уплатениот данок по задршка (образец ДД-И) до УЈП, до 15 февруари наредната година (чл. 24). Во него се наведува секоја странска фирма, приходот, данокот што требало да се задржи и данокот што е уплатен.
Извештајот се поднесува и за фирмите за кои сте користеле 0% по договорот, иако данок не е уплатен.
Значи, до февруари треба да се види кои претплати од странство ги имате и дали за нив е уплатен данокот.
Што да проверите кај вас
Земете ги изводите од бизнис картичката за оваа година и издвојте ги претплатите од странство. За секоја проверете две работи: каква услуга е тоа (телекомуникациска, реклама, консалтинг, лиценца) и која фирма ја издала фактурата. Кога видео-разговорот е дел од поширок софтверски пакет, одговорот зависи и од договорот, па таквите претплати разгледајте ги посебно.
Не секоја претплата од странство носи задржан данок. Според мислењата на УЈП, хостинг на веб-страница, складирање податоци во cloud, ChatGPT за сопствени потреби и софтвер што го користите само за себе, без право да го умножувате, не се оданочуваат со задржан данок.
ДДВ е посебна обврска: за услугите од странски добавувач ДДВ го пресметува примачот, и тогаш кога не е обврзник. Тоа го објаснивме во статијата Фактурата од Microsoft е без ДДВ.